Вакцината против ковид-19 е ефикасна и е добро направена за вакви услови, но таа не може да биде споредена со ефикасноста на другите вакцини произведени во претходниот период на попрецизен и поконтролиран начин и тоа е основна дилема, вели во интервју за РСЕ, доктор Мирко Спироски, имунолог, основач и прв директор на Институтот за имунобиологија и хумана генетика.
-Развојот на вакцините против ковид-19, за жал, беше диктирано да биде развојот брз и што побрзо да бидат достапни за вакцинација на човештвото. Тој основен постулат принуди големите произведувачи на вакцини кои се бават со тоа долги години да мора да направат поинаков, побрз, поефикасен и регулаторно поскратен систем, тоа е основната причина што овие вакцини против ковид-19 беа произведени и пласирани и применети на една пократка постапка од вообичаеното тестирање на вакцините во претходниот период на човештвото. Значи, ова е за првпат такво нешто да се случи. Се разбира дека принудата беше поради големата брзина на ширење на ковид-19, поради огромниот број на заболени, поради компликациите и големата смртност итн. Јас мислам дека оваа вакцина е ефикасна и е добро направена за вакви услови, но таа не може да биде споредена со ефикасноста на другите вакцини произведени во претходниот период на попрецизен и поконтролиран начин и тоа е основна дилема, вели доктор Мирко Спироски во интервју за Радио слободна Европа.