Најдобро е училиштата да преминат на онлајн или комбинирана настава, по 22 или 23 часот да нема собирања надвор, а присуството во угостителски објекти да се редуцира на 30%, вели д-р Пановски, а пренесеува Дочје Веле.
Епидемиолошката состојба со Ковид-19 во Северна Македонија е стабилна, засега нема да се воведуваат нови мерки и рестрикции, а внимателно ќе се следи состојбата со ширењето на новиот сој Омикрон, најавија здравствените власти. Но, доктор Пановски, смета поинаку.
„Без разлика на новиот сој омикрон, рестриктивни мерки треба да има“, вели микробиологот д-р Никола Пановски.
„Омикрон ќе дојде, ама му треба време. За него ќе треба да се обрне внимание пред Нова Година. Но, да не чекаме да се повтори ситуацијата како со Делта сојот. Тогаш сметаа дека нема потреба од контрола на границите за граѓани кои доаѓаат од земји со висока трансмисија на Делта сојот, а кога воведоа мерки – се однесуваа за излегување од земјава“, потсетува д-р Пановски.
Според него, најдобро е во овој период училиштата да преминат на онлајн настава, или барем на комбиниран модел „пола – пола“.