„Мислам дека локалната геополитика во моментот е против Коридор број 8, и тој нема да се изгради или барем не наскоро. Тоа е еден од пропустите на бугарската дипломатија, огромен пропуст од последните 30 години. Многу нешта беа пропуштени“, вели познатиот бугарски филантроп д-р Милен Врабевски во видео-интервју за порталот News33.
Според д-р Врабевски друг голем пропуст на Бугарија е фактот што заедно со независноста на Р. Македонија не е призната и автокефалноста на Македонската православна црква.
„Кога Ви ја признавме државата, зборувам за Република Северна Македонија, во 91 година, ние пропуштивме да ви ја признаеме црквата. После тоа пропуштивме да бидеме присутни во вашите животи со проекти како оние на мојата фондација, Бугарска памет“, вели познатиот бугарски донатор.
Тој е дециден дека фактот што меѓу Скопје и Софија нема автопат и железница е доказ за тоа дека има специфична насоченост на геополитиката против интересите на одредени држави.
„Во 21 век да нема магистрала меѓу два европски главни градови, како и железничка линија е израз на специфична насоченост на геополитиката, против интересите на одредени држави. Во чиј интерес е тоа, не е мое да коментирам. Постојат професионалци кои би требало да се занимаваат со тоа прашање. Јас од страна гледам што се случува“, вели д-р Врабевски во интервјуто за порталот News33.