Доктор Злате Мехмедовиќ во изјава за Фокус вели дека никој не може со сигурност да каже дека омикрон ќе биде последната варијанта со која ќе заврши пандемијата.

-Мислам дека сериозен проблем преставува промовирањето на тезата за намерна експозиција на оваа условно кажано „лесна-блага“ варијанта на вирусот со цел да се создаде суперимунитет, па дури се промовира и да не се носат маски на затворено, да нема затворање на рестораните и кафаните, како и да не се користат ковид сертификати“, објаснува доктор Мехмедовиќ за „Фокус“.

Според него, повеќето луѓе ги поминале последните две години борејќи се да го избегнат ковид 19, а сега некој ги потикнува да го направат спротивното.

-Таквата девијантна логика е налик на логиката со која родителите намерно ги изложуваат своите деца во средина каде има сипаници за да создадат имунитет, што е апсолутно погрешно. Кажавме дека омикрон е неверојатно високо пренослив и многу луѓе, прележани, вакцинирани и невакцинирани ќе се заразат за време на овој бран, додава доктор Мехмедовиќ.

Доктор Мехмедовиќ останува на ставот дека ако луѓето намерно се заразуваат очекувајќи дека омикрон варијантата е полесна, потенцијално ќе предизвикуваат синџир на пренос (домино ефект) и ќе го преплават веќе преоптоварениот здравствен систем.