Турската Агенција за Соработка и Координација (ТИКА), преку здравствените проекти што ги реализира на Балканот и во Источна Европа, не гради само инфраструктурни објекти, туку негува и надеж, доверба и чувство за заедничка иднина. Овој пристап, кој здравството го поставува во центарот на развојните процеси, претставува спој на хуманата димензија и сериозно, одржливо влијание.
Како еден од најмоќните институционални актери на Турција во областа на развојната и обновителната помош, ТИКА преку своите проекти, вклучително и во здравствениот сектор, остава трајни траги на терен. Секој проект се реализира како резултат на визија што им дава предност на локалните потреби, цели кон долгорочно влијание и директно го допира човечкиот живот.
Заменик-претседателот на ТИКА, д-р Махмут Чевик, историското и хуманото значење на здравствените инвестиции на Балканот го опишува со следните зборови:
„На овие простори на една древна цивилизација, како и во минатото, така и денес, се стремиме соништата да ги претвориме во реалност, повторно да ги изградиме братството, солидарноста и идеалот на заедничка иднина. ТИКА е значајна сила на јавната дипломатија во пренесувањето на нашите национални идеали и култура на меѓународната сцена.“
Д-р Чевик нагласува дека преку здравствените проекти на ТИКА се има за цел пријателските заедници, како и оние историски и културно блиски, да се опремат со современа физичка инфраструктура, модерна медицинска опрема и квалитетни можности за дијагностика и лекување. Тој истакнува дека овие иницијативи, водени од принципот „еден здив здравје“, претставуваат една од најважните области кои директно влијаат врз човечкиот живот.
Потсетувајќи дека Балканот низ вековите бил простор на мир, каде што заедно живееле различни јазици, религии и култури, д-р Чевик вели дека зачувувањето на оваа хармонија пред сè бара заштита и развој на човекот. Затоа, покрај проектите за економски развој, на инвестициите во здравството им се придава посебно и стратешко значење, секогаш водени од принципот: „Да се зачува човекот, за да опстане и државата“.
Трајни траги со 400 здравствени проекти на Балканот
ТИКА, на Балканот и во Источна Европа, досега има реализирано околу 400 проекти во областа на здравството. Овие проекти, спроведувани паралелно во повеќе држави, создадоа широк спектар на влијание – од единици за интензивна нега и напредни дијагностички центри, до здравјето на мајката и детето, како и хируршката опрема.
Во Северна Македонија се градат здравствени домови, додека во градот Нови Пазар во Србија се поддржуваат болници со напредни специјализации. Во Албанија се обезбедуваат можности за лапароскопска хирургија, додека во Босна и Херцеговина се зајакнуваат услугите за орално и дентално здравје. Во секој проект, ТИКА применува пристап кој ги става локалните потреби во центарот, со цел постигнување високи стандарди и долгорочно влијание.
Некои од значајните проекти во здравствениот сектор
• Романија – Поликлиничко одделение на Болницата во Меџидија: Преку реновирање и поддршка со опрема се обезбедуваат современи здравствени услуги за околу 150.000 жители од регионот и околните подрачја.
• Молдавија – Дијагностичко-терапевтски центар „Азиз Санџар“: Центарот, свечено отворен од претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во Комрат (Гагаузија), опслужува целокупниот јужен дел на Молдавија и годишно лекува околу 40.000 пациенти.
• Босна и Херцеговина – Оддел за хематологија при Клиничкиот центар во Сараево: Одделот, тешко оштетен за време на војната, беше обновен од ТИКА и повторно отворен во присуство на сопругата на претседателот Ердоган, Емине Ердоган. Стотици пациенти денес добиваат третман во современи услови.
• Косово – Служба за интензивна нега во УКЦК: Инфраструктурата на интензивната нега и медицинската опрема беа целосно обновени.
• Северна Македонија – Педијатриска единица за интензивна нега во Државната болница во Скопје: Единицата, која годишно опслужува во просек околу 400 новороденчиња и деца, значајно придонесува за намалување на смртноста кај доенчињата.
• Србија – Породилно одделение во Државната болница во Нови Пазар: Во оваа установа, каде што годишно се реализираат околу 2.500 породувања, значително е намалена смртноста на мајките и новороденчињата, со што болницата прерасна во регионална референтна точка.
Моќна дипломатија изградена преку здравството
Инвестициите на ТИКА во областа на здравството на Балканот претставуваат едни од најконкретните докази за меѓународната позиција на Турција – нејзината доверливост, инклузивен пристап и директно дејствување на терен. Секоја изградена болница, секоја воспоставена единица за интензивна нега и секоја обезбедена медицинска опрема ја пренесуваат пораката на силна држава која во овој простор зборува преку здравството, создава директни комуникациски мостови со човекот и гради трајни и долгорочни односи на овие простори.




















