Главниот недостиг на свесност за срцеви болести кај жените може да доведе до ненавремено дијагностицирање на срцев удар или ненавремено барање лекарска помош.  

Кардиоваскуларните болести се водечка причина за смртност во светот, подеднакво и кај мажите и кај жените. Тоа е група на заболувања на срцето и крвните садови и вклучува: покачен крвен притисок, коронарна артериска болест (болест на крвните садови на срцето), срцев удар, срцева слабост, болести на валвулите на срцето, како и болести на срцевиот ритам. И покрај ова, свесноста и едукацијата за срцевите заболувања кај жените е на ниско ниво. Кардиоваскуларните болести може да дадат различни симптоми кај мажите и жените, што наложува различен пристап до дијагноза и третман и некогаш доведува и до различен исход.

Иако жените на која било возраст може да страдаат од срцеви забoлувања, влијанието на некои ризик-фактори се зголемува во периодот кога жената влегува во менопауза, вообичаено во периодот од 51 до 54 години. Менопаузата директно не предизвикува срцева болест, но е период кога жената треба сериозно да преземе внимание за сите ризик-фактори. Всушност, ризикот од срцев удар кај жената е многу понизок пред менопауза, отколку кај мажите на иста возраст, а после 10 години од менопаузата ризикот се изедначува. Во основата на ова лежат естрогените – женските хормони, кои имаат позитивен ефект врз крвните садови, затоа што ја одржуваат нивната еластичност. Со опаѓање на нивото на естрогени хормони, се губи и нивната заштитна улога. Студиите покажуваат дека жените кои имаат рана менопауза или оперативно отстранување на јајчниците пред четириесеттата година од животот, имаат зголемен ризик од срцева болест.

После менопаузата кај повеќето жени настануваат и други промени, кои се моќни ризик-фактори, како покачен крвен притиок, холестерол и триглицериди.

Полови разлики кај кардиоваскуларните болести

Главниот недостиг на свесност за срцеви болести кај жените може да доведе до ненавремено дијагностицирање на срцев удар или ненавремено барање лекарска помош. Дополнително, повеќето класични симптоми на кардиоваскуларни заболувања се базирани на медицински истражувања, генерално спроведени на машка популација. На пример, повеќето сметаат дека градната болка е класичен симптом на срцев удар. Сепак, жените често имаат нетипични симптоми, како дискомфорт во градите или притисок. Други симптоми може да бидат: невообичаен замор, омалаксаност, недостаток на здив, болка во вратот, вилицата, вртоглавица, нагон за повраќање или дури може и да немаат никакви симптоми. Уште повеќе, дури 60% од жените кои умираат од срцев удар, немаат никакви претходни симптоми.

Овие физиолошки разлики помеѓу жените и мажите може да доведат до доцна дијагностика и ненавремен третман. Мажите почесто развиваат стеснување на големите крвни садови на срцето, додека пак кај жените почесто се јавува болест на ситните крвни садови на срцето (микроваскуларна болест), што го прави третманот предизвикувачки. Повеќето студии покажуваат дека жените помалку пристапуваат кон животоспасувачки процедури како срцева катетеризација, често и многу подоцна за време на срцев инфаркт отколку мажите.

профимедиа

Клучот до здраво женско срце е во превенцијата

1.Запознајте ги сопствените ризик-фактори: висок крвен притисок, покачени масти и шеќер во крвта, дебелина, пушење итн. Ова се модифицирачки ризик-фактори и од вас зависи дали ќе ги третирате со цел да се избегне ризикот од кардиоваскуларни болести. Фактори на кои не можете да влијаете се фамилијарната историја (кардиоваскуларни болести во фамилијата) и возраста, но со контрола на модифицирачките ризик-фактори се намалува и ризикот од кардиоваскуларни заболувања.

2.Третирајте ја својата здравствена состојба како високиот крвен притисок, дијабетесот и високиот холестерол. Побарајте стручно мислење за најдобриот медикаментозен третман.

3.Практикувајте редовна физичка ативност и постигнете здрава телесна тежина. Во ред е ако не сте љубител на спортот, едноставно пешачењето, т.е. брзото одење е вистински избор.

4.Здрава исхрана за срцето. На пример, консимурајте полнозрнеста храна, мешунки, свеж зеленчук и овошје, ладно цедени масла. Доколку сте љубител на месо, консумирајте обезмастено парче приготвено на здрав начин. За правилна исхрана можете да побарате стручен совет од лекар или нутриционист.

5.Доколку пушите, престанете! Звучи веќе познато, но тутунот директно хемиски ги уништува крвните садови, тие порано стареат, а ние сме стари онолку колку што се и нашите крвни садови.

6.Направете план, преземете мерка на време!

Што треба да знаете за да се осигурате дека ја добивате најдобрата грижа?

Секој, независно од возраста и медицинската историја треба да прави рутински систематски прегледи, особено над 40-годишна возраст, повремено да го мери крвниот притисок, превентивно да испитува биохемиски анализи на крвта и урината, особено на мастите, шеќерот, функцијата на бубрезите итн. За време на лекарските прегледи разговарајте со вашиот лекар за бенефитот и ризикот од медикаментозната терапија. Конечно, секој, а особено жените, треба да бидат запознаени и свесни за знаците и симптомите на кардиоваскуларните болести.

ПЗУ Центар за внатрешни болести „СРЦЕ“

Ул. „3-та македоска бригада“ бр. 45/1-2, 1000 Скопје

Тел. 02/3217-016, моб. 071/319-208

(комерцијален текст)