Претседателката на Комитетот за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, во гостување на „Топ тема“ на телевизијата „Телма“ нагласи дека сите вакцини против Ковид-19 се безбедни, но дека некои се покажале дека не се препорачливи за лица со алергии, како што е вакцината на „Фајзер“.
Во однос на вакцината на „АстраЗенека“, која треба да стигне кај нас во март преку КОВАКС механизмот, а за која во светот се води дебата околу нејзината ефикасност, Грозданова појаснува дека таа се покажала неефикасна за јужноафриканската мутација на вирусот кај постари лица, но дека вакцината е добра за лица со алергии.
Голем број на земји се вакцинираат со „АстраЗенека“, вклучително и Велика Британија. Вакцината на „АстраЗенека“ е висококвалитетна. Она што се виде дека, всушност, не станува збор за безбедноста на вакцината, туку таа покажа помала ефикасност кај популацијата над 65 години. Но, вакцината обезбедува доволно антитела и кај оваа популација, односно обезбедува над 60 проценти заштита. Се потврди дека таа не заштитува од јужноафриканскиот сој на вирусот. Меѓутоа, тоа е нешто што може да го очекуваме во континуитет и за другите вакцини, поради мутациите ќе се јавуваат промени на самиот вирус, па вакцините, особено „Фајзер“ и „Модерна“ ќе мора да се адаптираат на новите мутации – објасни професорката Грозаднова.
Според неа, можеби треба да бидеме среќни што преку КОВАКС механизмот ќе ја добиеме токму вакцината на „АстраЗенека“, бидејќи таа се покажала дека е добра за лица со алергии и е со потврдена ефикасност.
Претседателката на Комитетот за имунизација потенцира дека приоритетите на нашите здравствени власти биле да добиеме вакцини кои се безбедни и ефикасни.
Таа вели дека според бројот на популацијата Македонија многу лесно и многу брзо ќе ја заврши имунизацијата доколку брзо пристигнат поголем број на вакцини.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.