Епидемиологот и универзитетски професор Драган Даниловски во својата најнова колумна за порталот „Доктори“ го наметнува прашањето зошто баш ние шампиони во смрт да бидеме, кога станува збор за корона пандемијата?

-Многу причини се спомнуваат. Не биле доволно добри мерките! Народот не ги почитувал! Најлошо општо здравје сме имале! Доцна барале лекарска помош болните, контстаира тој.

Д-р Даниловски се осврна и на протоколите за лекување на ковид-болни.

-Зарем досега не стана јасно дека без протоколи голем дел од нашиве доктори се снаоѓаат како „риби на суво“? Слушам по медиуми – тврдат некои – протоколи сме имале!? А зошто тогаш ЛКМ во својот проглас вели дека национални протоколи немаме!? , прашува докторот.

Во однос на употребата на антибиотици Д-р Даниловски вели:

-Но, настрана протоколите… И без нив, ако имаат диплома од Медицински факултет, зарем нашиве доктори (не сите, се разбира) не знаат дека антибиотици не делуваат на вируси? Зарем не знаат дека антибиотик не се дава само за позитивен ПЦР тест? Или само за „црвено грло“? Или само за сува кашлица? Или за растечен нос? Зарем не знаат дека не се дава „за да не се спушти на плуќа“?

Зарем не знаат дека антибиотик не се дава дури и при присутна атипична (вирусна) пневмонија, ако нема доказ во крвната слика за присуство на бактериска инфекција? Зошто буквално се апстрахира крвната слика? Зарем не знаат дека основен столб на одбраната на организмот е сопствениот имунолошки систем? Зарем не знаат дека тој е под „команда“ на цревната бактериска флора? Зарем не знаат каков масакр прават антибиотиците на таа флора?, заклучува тој.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.