Денес, терапевтската ефикасност на хормонското лекување на патолошкиот климактериум не подлежи на никаков сомнеж. Принципот е едноставен – ја заменува функцијата на овариумите.

Климактериумот е природен преоден период во животот на секоја жена, кој ја поврзува репродуктивната возраст со неизбежната старост. Од клиничка гледна точка климактеричниот период започува во интервал од 40 до 60-годишна возраст, кој е индивидуален за секоја жена и најсилните појави се меѓу 45-55-годишна возраст.

Климактеричниот период протекува во три фази:

1. Предменопауза – фаза низ која започнува постепено намалување на оваријалната функција и продолжува неколку години, а проблемите се сврзани главно со нарушувања во менструалниот циклус, односно со функционални генитални крвавења кои се должат на неправилна оваријална функција. Консултацијата со гинеколог е неизбежна, затоа што најчесто прекинувањето на крвавењето и точното дијагностицирање се извршува со киретажа, а по добивање на резултатот се спроведува профилактично хормонално лекување.

2. Менопауза е фазата од последното менструално крвавење, после кое во интервал од една година има отсуство на менструален циклус. Причината е исцрпување на ендокрината функција на овариумите, а со тоа се бележи и крајот на можноста за забременување. Оваа фаза се дијагностицира ретроспективно.

3. Постменопаузата е последната фаза во која настапува целосно гаснење на оваријалната функција и продолжува неколку години.

Настапувањето и текот на климактериумот е сврзно со наследни особини, ризични фактори – како, на пример, пушењето и интервенциите од страна на човекот – посткастрационен синдром.
Мал дел од пациентките навлегуваат во климактериум пред 40-годишна возраст, биолошка појава која се нарекува предвремен климактериум.

Доктор Афродита Стомнароска-Јованоски, акушер-гинеколог

Симптомите на климактериумот се појава на естрогенскиот дефицит. Како краткорочни се гениталните крвавења, невро-вегетативни (топли бранови, потење, главоболка, несоница) и невро-психични симптоми (депресија, нервоза, потешка концентрација). Како подолгорочни појави се промените во уро-гениталниот систем кои се изразуваат во атрофични промени со различна клиничка слика (атрофичен вагинит, отсуство на лубрикација, вулварен дискомфорт и чешање, честа микција, дизурија, цистити, стрес инконтиненција). Тука се и атрофичните кожни промени – секоја година постменопаузалната жена губи 2 отсто од колагенот поради недостаток на естроген. И, не на последно место, а како најсуштински појави на климактериумот, се остеопорозата со зголемен ризик од фрактури (најчесто на ‘рбетот и надколеничната коска) и атеросклеротичните промени со зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања.

Денес, терапевтската ефикасност на хормонското лекување на патолошкиот климактериум не подлежи на никаков сомнеж. Принципот е едноставен – ја заменува функцијата на овариумите. Дозите се потврдени со современи фармаколошки методи. Постојат неколку можности за употреба на хормоните -преку таблетки, пластири, гелови, импланти. Секој метод има предности и недостатоци. Контраиндикациите за хормонска супституциска терапија (ХСТ) треба да се знаат точно и тоа се: недефинирано генитално крвавење, тешки хепатални заболувања, акутни тромбемболични состојби и венски тромбози, како и хормонално-зависни тумори, на пример, на дојка или на ендометриум.

Позитивниот ефект на хормоналната супституција е многустран: го регулира менструалниот циклус и протектира од тешки крвавења, ги ликвидира невро-вегетативните и невро-психичните појави, изчезнуваат атрофичните промени во уро-гениталниот систем, се забавува стареењето на кожата. Најценет ефект е врз профилактика на остеопорозата и тешките фрактури, при што за една година коскената густина може да се зголеми со повеќе од 2-3 отсто. Навременото започнување на терапијата доведува до подобрување на липидниот метаболизам, а со тоа и профилактиката на кардиоваскуларните болести.

Со други зборови, хормоналната профилактика доведува до зачувување на здравјето и значително подобрување на квалитетот на животот. Во повеќето случаи предностите на ХСТ доминираат над евентуалните ризици во тоа време, и досегашните студии го поткрепуваат поволниот однос корист/ризик од ХСТ кај жени со природна или јатрогена предвремена менопауза. Дозата и режимот на ХСТ треба да се индивидуализирани, а најефективната доза зависи од возраста. Тоа треба да се реши пред започнување со терапијата, и да се преоценува секоја година, за да се задржи принципот за препишување на најниската ефективна доза. Решението за времетраењето на лекувањето треба да е индивидуално, но се препорачува прекратување после 2-3 години, а при рецидиви на симптомите може да се продолжи.

За жал, не мал број од жените неоправдано се плашат од ХСТ поради недоволна информација, а други имаат контраиндикации и не можат да ги користат. Затоа, разумна алтернатива се нехормонските средства, повеќето добиени од фитоестрогени, со естроген – слично дејство од растително потекло, кои ги подобруваат невро-вегетативните симптоми, но ги немаат другите системски профилактички ефекти како што ги имаат хормонските препарати.
Во заклучок хормонално-субституирачкото лекување има место во терапевтското поведение кај жените во менопауза и ќе продолжи да се усовршува.

Доктор Афродита Стомнароска-Јованоски, акушер-гинеколог