„Сакам категорично да истакнам дека Бугарија ја поддржува европската иднина на земјите од Западен Балкан. Таа наша поддршка дојде до израз за време на бугарското претседателство на Советот на ЕУ, за коешто европската перспектива за регионот беше клучен приоритет“, изјави бугарскиот постојан претставник во ЕУ, амбасадорот Димитар Цанчев, којшто ја претставуваше Бугарија на денешната редовна седница на Советот за општи прашања.
„Таа поддршка се изрази и преку нашето одговорно однесување како фактор за стабилност во регионот за време на војните по распадот на поранешна Југославија. Бугарија најмалку има потреба да биде убедувана зошто земјите од Западен Балкан треба еден ден да станат дел од ЕУ. За жал ние сме исправени пред проблем. Истиот не е двостран како што сметаат некои од вас. Проблемот се однесува до принципите врз кои е изградена и функционира нашата Унија“, изјави уште Цанчев, јавува БГНЕС.
Според неговите зборови за прв пат во историјата на проширувањето, ЕУ е исправена пред ситуација во која една земја кандидат член настојува на исто рамниште со државите членки сама да ги одредува условите при кои да ги почне преговорите за влез во Унијата.
„За прв пат имаме земја кандидат за член која истакнува дека сака да стане дел од ЕУ без да се откаже од својата државотворната идеологија од времето на комунизмот. За прв пат имаме земја кандидат за член која истакнува дека не се чувствува должна да ги спроведува договорите коишто ги потпишала со држава членка на ЕУ“, истакна бугарскиот постојан претставник во ЕУ.
Во своето излагање амбасадорот Цанчев подвлече дека такво однесување не може да биде толерирано, затоа што истото е предизвик кон темелите на ЕУ.
„Ако го дозволиме тоа утре друга земја кандидат за член може да си помисли дека ќе и биде дозволено да се однесува по истиот начин. Најдоброто нешто што сите во оваа сала и кои што го поддржуваат европскиот развој на западните балкани можат да го направат е да и објаснат на таа земја кандидат за член дека темелните принципи на ЕУ треба да се чуваат и за неа нема да биде направен никаков исклучок во тој однос“, додава амбасадорот Димитар Цанчев.