Пожарот, кој попладнево избувна во атарот на селата Руѓинце и Бељаковце во општина Старо Нагоричане, е дојден до првите куќи на селото Бељаковце кои се одамна напуштени, информираат од Центарот за управување со кризи.

– Пожарот во село Бељаковце е сериозен. Сувата трева и ветерот прават пожарот брзо да се шири. Побаравме помош од сите расположливи пожарникарски сили да се упатат кон ова место. Рано наутро штом се создадат можности ќе полетаат двата полициски и едниот армиски хеликоптер, а веднаш потоа и двата или трите авиони на Дирекцијата за заштита и спасување, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Попладнево, избувна пожар и во атарот на селото Орешани во општина Зеленково и според информациите на ЦУК, овој пожар е изгаснат. На терен биле испратени екипи на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје кои спречиле пожарот да дојде до викенд населбата.