Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 18:00 часот, денеска се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор низ територијата на државата. Од нив, 6 се сè уште активни, 1 е ставен под контрола, додека 18 се успешно изгаснати.
Од ЦУК посочуваат дека поради силен ветер повторно се разгоре пожарот кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци (Општина Велес). Гори мешана нискостеблеста деградирана шума, а пламените јазици се прошируваат во неколку правци.
Ветерот, исто така, повторно го активирал и пожарот помеѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа (Општина Македонски Брод), каде што гори деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација.
Покрај овие, активни пожари се регистрирани и на следните локации:
Општина Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума)
Општина Македонски Брод – с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Желино – шумски пожар
Според последните информации, под контрола е ставен пожарот во с. Фалише, Општина Тетово, каде што гори ниска вегетација./ Макфакс
Текстот ЦУК: Поради силниот ветер повторно се разгорени пожарите кај Велес и Македонски брод е превземен од МАКФАКС.