Ситуацијата со пожарите на отворен простор низ земјата и денеска останува активна. Според податоците на Центарот за управување со кризи до 12:15 часот на 13 јули, регистрирани се вкупно 14 пожари, од кои четири се сè уште активни, додека останатите се ставени под контрола, локализирани или изгаснати.

Активни пожари се бележат во четири општини. Пожарот во селото Николич, во општина Дојран, сè уште не е изгаснат и зафаќа нискостеблеста шума. Гори и во Старо Нагоричане, каде што огнот зафати ниска вегетација кај селото Пелинце. Во општина Македонски Брод, пожарот кај с. Девич се проширил на деградирана нискостеблеста шума, сува трева и лисна престилка. Најновиот активен пожар е пријавен во општина Гази Баба во близина на гробиштата на Камник, каде што гори ниска вегетација.

Во меѓувреме, два пожари се локализирани, односно се спречени од понатамошно ширење, шумскиот пожар меѓу селата Горњани и Блаце во Чучер Сандево, како и оној кај с. Џидимирци во општина Велес.

Три пожари се ставени под контрола: на пошироката територија во Македонски Брод, меѓу селата Црешнево, Крапа и Локвица, каде што изгоре деградирана дабова шума и грмушки; во селото Слатино, исто така во Македонски Брод, каде што гореше ниска вегетација; како и кај селото Крушје во Велешко, каде огнот зафатил шума.

Пет пожари се целосно изгаснати. Интервенција била извршена во Гостивар, кај локалниот стадион, каде што горела ниска вегетација. Пожари се изгаснати и во селото Перово кај Ресен, во кругот на фабриката ФЗЦ во Куманово, како и на две локации во Охрид – во селото Оровник и во населбата Далјан, каде што горела ниска вегетација и ѓубре.

Текстот ЦУК: Активни пожари кај Дојран, Гази Баба, Македонски Брод и Пелинце е превземен од МАКФАКС.