Националната установа „Охридско лето” за реализација на годинешната уметничка програма на Фестивалот кој се одржува од 12 јули до 20 август, од Министерството за култура и туризам доби 31 милиони денари.

Директорот на „Охридско лето“ Ѓорѓи Цуцковски вели дека со ваквата финансиска поддршка ќе се реализира квалитетна програма со врвни светски и домашни уметници.

„Годинава се издвоени финансиски средства кои се достојни за една вака голема музичко-сценска манифестација. Ова е значајна финансиска поддршка која ја добиваме од Министерството за култура и туризам за реализација на 40. фестивалски денови кои ќе донесат врвна програма достојна за одбележување на 65. успешни години“, вели Цуцковски.

Според него со реализацијата на програмата на 65. издание ќе се оправда во целост довербата која ја добива Фестивалот од Министерството за култура и туризам. Цуцковски кажа дека имињата на уметниците и деталите за самата програма по традиција ќе бидат објавени на официјална прес-конференција.

Од Фестивалот велат дека програма на „Охридско лето 2025″ е веќе при крај, а во тек се активностите за средување, опремување и адаптација на сцените и сценските простори за реализација на годинешното издание на Фестивалот.

„Огромна благодарност до министерот Зоран Љутков за одобрените 31 милиони денари со што потврдува дека ги препознава вистинските културни вредности. Ќе понудиме програма која ќе го надополни квалитетот на најголемиот културен настан како кај нас, така и на светската уметничка сцена“, вели Цуцковски.

Текстот Цуцковски: Значајна финансиска поддршка од Министерството за култура за реализација на врвна програма е превземен од МАКФАКС.