Црвен крст Кавадарци донираше апарат за анализа на крв за мали деца и бебиња во кавадаречката болница. Претседателот на оваа хуманитарна организација, Димитар Каракулев рече дека се работи за апарат за потребите на лабораторијата, за да се избегнат траумите при земање на крв од вена на овие најмлади членови на заедницата.

-Во рамките на програмата ПХВ – Промоција на хумани вредности, младите волонтери од училиштата „Тошо Велков Пепето“ и „Страшо Пинџур“ од Кавадарци, заедно со нивниот дисеминатор Даниела Лазовска најпрво направија истражување во болницата, за приоритетни потреби и како резултат на тоа истражување излезе дека ваквиот апарат е најнеопходен во моментот и го има само во неколку болници во државата, појасни Каракулев.

Волонтерите изработиле свој проект, неколку месеци собирале парични средства, од свои активности, спортски натпревари, приредби во училиштата, Велигденски пазар на градскиот плоштад, посетиле неколку компании.

-Се работи за компаниите „Машинокоп“ Кавадарци и „МИ –комерц“,  потоа средства од  Хуманитарниот паркинг кој е исто така идеја и проект на Црвениот крст, така што се собраа 106.000 денари колку што чини овој апарат. Благодарност и до градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и Советот на општината кои дадоа поддршка на овој проект и со нивни одлуки се реализирани овие активности, додаде Каракулев.