Над Систинската капела вечерва се појави црн чад, што значи дека при првото гласање на кардиналите на конклавата не беше избран нов папа, наследник на папата Франциско кој почина на 21 април.

Црниот чад не е изненадување бидејќи папата со векови не е избран во првиот круг. Во наредните денови кардиналите можат да гласаат четири пати на ден, двапати наутро и двапати попладне.

Најдобри изгледи за избор на оваа конклава, според аналитичарите имаат италијанскиот кардинал Пјетро Паролин и Филипинецот Луис Антонио Тагле.

Кардиналите сега ќе се вратат во резиденцијата Санта Марта, каде што ќе останат во изолација до утре, кога почнува вториот ден од гласањето.