Центарот за граѓански комуникации денес го објави истражувањето Клучни „играчи“ и конкуренција во јавните набавки во здравството во периодот од 2015 до 2024 година.

Според нивното истражување:

» Во последната декада вредноста на јавните набавки во здравството е повеќе од двојно зголемена, додека бројот на фирми што добиле тендер пораснал за само 12 %, што укажува на концентрација на средствата кај ограничен број добавувачи.

» Со растот на вредноста на тендерите, уделот на десетте најголеми носители на договорите за јавни набавки се намалил од 62 % во 2015 на 49 % во 2024 година, што укажува на умерено намалување на концентрацијата.

» Две компании – „Алкалоид Конс“ и „Д-р Пановски“, во последната деценија ја зацврстиле својата доминација во јавните набавки во здравството и сега контролираат една четвртина од вкупната вредност на тендерите во овој сектор. Нивниот удел се зголемува на третина, ако се анализираат само набавките на лекови, медицински потрошен материјал и опрема.

» Повеќе од половина од набавките во здравството во изминатата декада им припаднала само на 10 фирми кои добиле тендери во вкупна вредност од над 1 милијарда евра.

» Низ годините расте вредноста на тендерите што најголемите десет добавувачи во здравството ги добиваат во постапки во кои биле единствени понудувачи и немале конкуренција. Просечно гледано, ако пред 5 години најголемите фармацевтски компании немале конкуренција во третина од вредност на договорите (33 %), сега ја немаат во повеќе од половина од склучените договори (55 %).

» Отсуството на конкуренција го концентрира богатството и влијанието меѓу мала група доминантни играчи и доведува до зголемени цени, намален квалитет на здравствените услуги за пациентите и намалена разновидност на лекови.

» Гледано по програми, во набавката на лекови и на потрошен материјал за третирање дијабетес доминира компанијата „Феникс Фарма“, во програмата за имунизација на населението „Алкалоид Конс“, а во програмата за ретки болести „Алкалоид Конс“ и „Д-р Пановски“. Во тендерите за набавка на реагенси и тестови, пак, доминираат „Авицена“ и „Биотек“.

Текстот ЦГК истражување: Клучни „играчи“ и конкуренција во јавните набавки во здравството е превземен од МАКФАКС.