Министерот за здравство Арбен Таравари при посетата на Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација во Скопје промовираше нов кабинет за аудиометрија и современа опрема која ќе ја подобри работата со деца кои имаат препреки во говорот и кадарот во центарот.

– Денес промовираме нов кабинет за аудиометрија, со нов апарат, аудиометриски, со сите аудиолошки критериуми што се потребни. Во овој центар на годишно ниво се третираат 3 000 деца, рече Таравари.

Тој изрази задоволство од тоа што во центарот има доволно обучен кадар и има лица кои во клиничка болница се остручени да за работат со деца кои имаат кохлеарен имплант и со новата опрема значајно се подобрени условите за третман на пациенти.

Благодарност за новата опрема искажа и директорката на центарот, Нермин Теловска која посочи дека новата кабина ги задоволува сите критериуми и сите стандарди во однос на акустиката и пружањето услуги. Таа напомена дека центарот постои шеесет и една година и работат на рано откривање и третман на слушни и на говорно-јазични нарушувања.

Одговорајќи на новинарски прашања, таа напомена дека има доволно кадар и дека со министерот било разговарано за воведување на втора смена.

Директорката Теловска напомена дека новиот стил на живот и зачестената употреба на електронски уреди може да влијаат врз нервниот систем со што расте и бројот на деца кои имаат развојни тешкотии. Таа меѓу другото напомна дека е многу важно да се делува превентивно.

– Имаме и програма со министерството за здравство со која опфаќаме со превентивни прегледи по градинките и училиштата, така што имаме широка дејност. Ние сакаме и имаме за цел да го развиеме тој дел на работа. Уште од родилиште се знае кои дечиња се со ризик и тука да се почне да се работи на превентивата. Ние би биле најсреќни да работиме на превентива, а не на третман, нагласи Нермин Теловска директорка на Центарот за рехабилитација на патологија на вербална комуникација.

Според министерот Таравари, наскоро треба да се реши статусот на 13 лица кои во центарот работат со договор на дело.