Царинската управа во соработка со Активноста на УСАИД Партнерства за економски раст, имплементирана од Паладиум Интернешнел и ИДЕАС ДеПо, денес одржа работилница за презентирање и подобрување на ефикасноста на програмата за Овластен економски оператор (ОЕО), на која беа вклучени сите релевантни институции во негова примена.

На настанот беа присутни и претставници од бизнис заедница и иматели на одобренија за ОЕО, кои разменија искуства и мислења во насока на забрзување на движењето на стоките, олеснување на меѓународната трговија, како и нови деловни можности за ОЕО компаниите.

Одобрение за ОЕО од Царинската управа на Република Северна Македонија може да добие секоја компанија (производител, извозник, увозник, царински застапник, транспортер), која законски ги исполнува строгите стандарди на безбедност усогласени со царинското законодавство.

Во моментов во државата има 27 компании – иматели на одобрение за ОЕО. Продобивките за овие компаниите значат примена на царински поедноставувања, побрзи и поефтини прекугранични постапки, приоритет при царинење и истите се третираат како доверливи партнери на Царинската управа, како и за другите државни институции вклучени во царинската постапка.

Царинската управа има потпишано договори за меѓусебно признавање на статусот ОЕО со Албанија и Србија, а меѓуинституцоналната соработка со државните институции на национално ниво може значително да придонесе кон дополнително олеснување прекуграничното движење и подобрување на конкурентноста на ОЕО компаниите на меѓународниот пазар.