Jавната обвинителка Наташа Крстевска-Цалева во текот на вчерашниот ден во краток допис побарала да биде ослободена од функцијата шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје на којашто беше назначена пред осум дена, информираше претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриевска.
Како што соопшти Димитриевска, во дописот било наведено: „Со оглед на тоа што сум штотуку дојдена во ВЈО Скопје и имам потреба да се фокусирам на предметни работење, молам да бидам ослободена од оваа задача на која подобро би одговорил јавен обвинител со поголемо работно искуство“.
Советот на јавни обвинители на следната седница ќе одлучува по барањето Крстевска-Цалева.
Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски рече дека за барањето дознал предмалку од претседателката на Советот на јавни обвинители.
„Мене не ми кажала ништо, не знам кои се евентуално вистинските причини, дали е ова што денеска стоеше во барањето со оглед дека има само една реченица“, рече Коцевски.
Тој раскажа дека ја предложил Цалева поради нарушените меѓучовечки односи во Вишото јавно обвинителство-Скопје, ценејќи дека таа ќе одговори најдобро на задачата.
Наташа Крстевска-Цалева за раководител на ова јавно обвинителство едногласно беше избрана од Советот на јавните обвинители на 10 февруари, на предлог на Коцевски. Ден по нејзиниот избор, Владата го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.