Центарот за управување со кризи во попладневните часови реализираше спасувачка акција кај кањонот Матка, во соработка со полицијата, пожарникарите од Скопската бригада и Брзата помош.
– Маж на возраст од околу 50-ина години, во доцните попладневни часови, паднал во бессознание од слошување заради срцева здравствена слабост, при самостојно рекреативно пешачење на патеката до манастирот Свети Никола Шишевски што се наоѓа на десната страна од акумулацијата „Матка“. Први, случајно и пред стемнување, го пронашле граѓани – рекретавци коишто помогнале и реагирале превентивно, го згрижиле и веднаш го известиле Центарот за управување со кризи (преку единствениот број за итни повици броевите 112, а и преку стариот број 195), информираат од ЦУК.
Со случајот, истовремено бил запознаен и директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, по што како што информираат од ЦУК била организирана координирана спасителна акција.
– При координацијата со институциите од Системот за управување со кризи, по наредба на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на терен во спасителна акција многу брзо излегле и дејствувале припадниците од специјалната Единица за брзо распоредување (ЕБР). На терен, заедно со специјалците, биле и помогнале и припадници на Противпожарната бригада од Скопје, коишто дејствувале зело време заедно со специјалците, велат од ЦУК.
Дел од тимот бил и болничар кој се погрижил за загрозениот граѓанин, одржувајќи го во стабилна и свесна состојба. Од ЦУК додаваат дека успешната координирана спасителна акција на институциите од системот за управување со кризи кај кањонот Матка до медицинско згрижување на загрозениот граѓанин е завршена вечерва, нешто по 20 часот.