„Голема благодарност до сите оние со кои соработував на оваа важна мисија за бизнисите на нашите две држави. На Црна гора ѝ посакувам брз развој и просперитет, ана компаниите поголем профит“.
Ова го објави претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, во врска со одлуката на црногорската влада за негово отповикување од должноста почесен конзул на Црна Гора во Македонија, функција која Азески ја доби во 2016 година.
Според објаснувањето на црногорската влада, како што пренесуваат регионалните медиуми, одлуката за отповикување е донесена на последната седница на владата, а причина биле обидите на Азески да ги омаловажи и да ги искомпромитира највисоките власти во Црна Гора, презентирајќи пред бизнисмени од различни сфери, свои лични забелешки и предвидувања во врска со работата на владата со што го нарушил нејзиниот углед, што било забележано од безбедносните органи на Црна Гора.
Во својата објава Азески додава и некои историски факти за Црна Гора: „Црна Гора е независна и суверена држава, која согласно Уставот е дефинирана како граѓанска, демократска, еколошка и држава на социјална правда, заснована на владеење на правото. Иако независноста на Црна Гора е обновена на 3 јуни 2006 година, со истапувањето од државната заедница со Србија, таа претставува една од најстарите европски држави. На овие простори се простирала латинската провинција Превалис, средновековната држава Зета, а денес современата држава Црна Гора, која претставува своевидна раскрсница на која се испреплетени повеќе историски случувања, народи и култури (илирска, словенска, византиска, турска), како и религии (христијанска и исламска), кои оставиле свои траги до денешен ден.“