Колку и да е тешко, пријателот Бугарија, треба да најде, како што најдовме ние, политичка волја за заемно прифатливи решенија што нè водат напред, наместо да нè затвораат во минатото, вели лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас во интервју за МИА.
На три години од потпишувањето на Договорот од Преспа со што се стави крај на деценискиот спор, поранешниот грчки премиер во разговор со дописничката на МИА од Атина, ги коментира односите меѓу двете соседни земји, вели дека многу работи се сменија, стигнавме далеку, но можеме да одиме уште подалеку и уште работи да се сменат на подобро.
Истакнува дека со Договорот од Преспа, ЕУ беше принудена да го одмрзне процесот на проширување, да ја зајакне нејзината улога во регионот и да даде зелено светло, не само за Македонија, туку и за Албанија
Ципрас открива што би направил поинаку од актуелната грчка Влада, доколку СИРИЗА беше сега на власт, а во интервјуто за МИА го потврдува и неговото учество на првиот Преспа форум за дијалог што го организира Министерството за надворешни работи на Македонија, а ќе се одржи на 1 и 2 јули 2021 година во Отешево и Охрид со цел зајакнување на стабилноста, регионалната соработка, добрососедските односи итн.
Договорот од Преспа меѓу двете земји беше потпишан на 17 јуни 2018 година во Псарадес, од грчката страна на Преспанското Езеро. Една година подоцна во Грција се одржаа тројни избори, локални, европски и парламентарни, кои беа и предвремени, тогаш владејачката СИРИЗА загуби и од 7 јули 2019 година, дојде на власт Нова демократија.
Партијата на актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис, иако како опозиција беше против договорот и го сметаше за штетен за националните интереси на Грција, сепак, сега како Влада, го почитува, а билатералната соработка меѓу двете земји бележи напредок.
-За жал, веќе подолго време гледаме тенденции за враќање во минатото со замрзнувањето на Меѓувладината конференција од страна на Бугарија. Го разбирам разочарувањето на народот од Македонија. Единствено можам да кажам е дека колку и да е тешко, пријателот Бугарија, треба да најде, како што најдовме ние, политичка волја за заемни прифатливи решенија што нè водат напред, наместо да нè затвораат во минатото, вели Ципрас во интервју за МИА.