Парите лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас ги доби заедно со наградите за Договорот од Преспа ќе ги донира на академската заедница, поконкретно предлага да бидат наменети за доделување награда за најдобар дипломски труд, што би можела да биде насловена како „Награда за мир и соработка на балканските народи“, јави дописничката на МИА од Атина.
Одлуката ја соопшти самиот Ципрас преку „Фејсбук“, објаснувајќи дека веќе испратил допис до шест грчки Универзитети од Солун, Атина и Крит. Тој наведува и дека неговата желба е да се даде износ од 6.000 евра за секоја катедра за да се искористи за годишна награда за најдобар дипломски труд со индикативна награда од 1.000 евра годишно.
„Напорите за решавање на прашањето што со години ја измачуваше нашата надворешна политика донесоа плод со Договорот од Преспа склучен меѓу Република Грција и Република Северна Македонија во јуни 2018 година и одобрен од грчкиот Парламент во јануари 2019 година. Признавањето на овој решителен чекор во нашата надворешна политика и новата динамика што Договорот ја создава на Балканот го привлече вниманието на неколку странски институции и институти, кои избраа да го персонифицираат ова признание оддавајќи им чест на премиерите на двете земји кои работеа за спроведување на Договорот. Од овие награди, и во делот што се однесува на мене, досега е собран износ и мојата намера е да го отстапам како донација за универзитетска настава и истражување“, пишува Ципрас во писмото.
Во 2018 година на 17 јуни македонскиот премиер Зоран Заев и поранешниот премиер на Грција Ципрас како главни носители на Договорот од Преспа со кој се реши проблемот за името во Нивици присуствуваа на потпишувањето на договорот кој со своите потписи го заверија тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас.