Да не беше Договорот од Преспа, на северната граница Грција сега ќе ги имаше Русија и Турција, изјави денеска лидерот на опозициската Сириза Алексис Ципрас во интервју за грчка телевизија. Поранешниот грчки премиер го повтори неговиот став дека со решението на спорот запрело влијанието на други земји.
„Замислете денес што ќе имавме на нашата северна граница, ако не го склучевме овој Договор. Не само што Грција немаше да биде таа која ќе има земја сојузник за да го надгледува воздушниот простор со грчките воени авиони, туку ќе ги имавме и Турција и Русија на нашата северна граница. Ова ќе го имавме. Ќе имавме Либија на нашата северна граница. И да видам колку ќе беше лесно да правиме потези во рамките на неопходното, па дури и прекумерни потези, ако ја имавме Русија на нашата северна граница“,изјави Ципрас.