Директорот на Клиничката Болница во Тетово, Флорин Бесими поднесе оставка од функцијата. Одлуката ја соопшти преку социјалните мрежи, доцна попладнево. Причина, како што самиот напиша, секако е страшната трагедија во која загинаа 14 лица. Како доктор, кој целиот мој професионален живот го посветив на лекувањето на нашите сограѓани и како прв човек на Клиничката болница во Тетово, со која раководам во последните години, чувствувам морална одговорност од страшниот настан кој заврши со човечки животи. со голема болка за секоја жртва и секој член на семејството, ве известувам дека поради морална одговорност што ја чувствувам, поднесувам оставка од функцијата директор на Клиничката болница во Тетово. По таков трагичен и немил настан, оваа одлука е неизбежна. Во исто време, се надевам дека целосната истрага ќе заврши што е можно поскоро и ќе се разјаснат причините за пожарот во модуларниот центар на Тетовската клиника за пациенти со Ковид-19. Мојата оставка нема да ги утеши семејствата, но верувам дека ќе воспостави морална линија што сите ја заборавивме како општество, напиша Бесими.