На денешната годишната конференција „Година на нови можности“ што ја организира Владата, на четвртиот панел „Рамномерен регионален и локален развој-придобивки од новиот систем за субвенции во земјоделство“ говореше министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи. Покран Чупи, на панелот зборуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и Ленче Николовска, експерт за земјоделски политики и рурален развој и директорка на Консултантска фирма „Агротим“. Панелот го водеше Никица Бачовски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Министерот за дијаспора, Џемаил Чупи истакна дека Владата работи на воспоставување на трајни, институционални врски со дијаспората, како значаен ресурс во промовирање и поттикнување на развојот на државата.

„Дадовме нов импулс на имплементацијата на Националната стратегија за соработка со дијаспората. Отвораме канцеларии за соработка во 23 општини. Дополнително, во секоја од овие општини ќе биде направено мапирање на дијаспората којашто може да даде свој придонес во развојот на науката и на економијата“, рече министерот Чупи.

Тој се надева од денешната конференција ќе произлезат насоки за понатамошно креирање и стимулирање на новитети со цел подобрување на регионалниот и локален просперитет.

Чупи истакна дека миграцијата е најдлабоката рана на нашите народи и ние се соочуваме со т.н. „одлив на мозоци“ или интелектуална миграција и стареење на постојната научна и професионална рамка и кадри.

„Дијаспората е драгоцена колку и самата татковина. Уверен сум дека дијаспората е важен сегмент и страшки приоритет и за Владата на РСМ, докажано преку креирање и секојдневно имплементирање на националната стратегија за соработка со дијаспората“, рече Чупи.

Тој верува дека најдобар начин за надминување на сите овие проблеми и дилеми е преку заеднички и координирани институционални напори, постојана соработка на сите нивоа и со сите фактори, здруженија, поединци, интелктуалци и бизнисмени од земјата и странство.

„Ако немаме соработка неизбежно би се соочиле со економска стагнација, подеднакво на нацонално и локално ниво“, рече Чупи.