Човечка грешка најверојатно е причината за несреќата со српскиот автобус на автопатот Тракија. Ова е ставот на бугарските власти.  Заменик-јавниот обвинител и директор на Националната истражна служба на Бугарија Борислав Сарафов соопшти дека увидот покажал дека на тој дел од делницата нема други пречки и нерамнини кои би предизвикале скршнување на автобусот.

Водечката верзија за причината на несреќата на автопатот Тракија, додава, останува човечка грешка, а ваквите тврдења се поткрепени и со директни сведоштва од оние кои се возеле во автобусот.

Автобусот кој превезуваше деца од фолклорен ансамбл од Србија излета во канал кај градот Стара Загора. Инцидентот се случил нешто после 20 часот, по локално време, на автопатот во правец на Софија. Во автобусот се превезувале вкупно 49 патници, од кои 38 биле деца, а 11 возрасни, кои се враќале назад кон Србија од фолклорен фестивал на Сончев Брег, на Црното Море.