Пишува: АНА ВАСИЛЕВСКА

Чобане врати се!,- покажува анктетата на ИРИ според која македонските граѓани довериле највисок политички рејтинг на Никола Груевски. Зошто воопшто во анкетната листа се нашло името на илегалецот од Будимпешта кој воедно е на црната листа на САД е друго прашање, но довербата што му ја дале граѓаните навистина е феномен за подлабока анализа.

Анкетата дава и други интересни психолошко- социолошки сигнали –две третини од граѓаните (73 отсто) даваат поддршка на евроинтеграцијата, но истовремено силни симпатии негуваат и кон Турција и Кина. Во овие низа контраверзни размислувања што ги утврдува анкетата исто така е уверувањето дека најголем проблем ни е сиромаштијата, но велат дека има поголем економски напредок од минатите години.

Јавното мислење е силна јадица и за навигација на политиките и за медиумите.

Па, медиумите секако анкетата ја употребија како одличен „спин колач“ што го расекоа според сопствените апетити за „слатко“. Па, така, иако станува збор за бројки и факти, процентите ги нивелираа во привлечни наслови за потребната цел.

Секако, меѓу најактуелните прашања се најде и тоа за довербата во судството а резултатот од анкетата ни стигнува по разочарувачката одлука на Апелациониот суд за поништување на затворската пресуда на Сашо Мијалков. И, одекнаа порталите (а машала и коментарите) дека довербата во правосудството ни е 4 (четири) отсто. Во ред, не ги споменаа оние 19 отсто кои имаат делумна доверба, бидејќи е атрактивен малиот процент. Но, не споменаа и дека оваа фрапантна недоверба во судството граѓаните ја негуваат веќе речиси две децении. И најважнато, никој не си дозволи автогол- никој не спомена дека на медиумите им веруваат 8 (осум) отсто од граѓаните.

Тука, нема да спориме, иако ова навистина заслужува длабока и темелна анализа да се напипаат и детектираат причините за овие анктетни резултати.

Обликување на стварноста е навистина можно, и конечно по малку е дискутабилна и релевантноста и обидите да се има јасна слика за јавното мислење и кредибилноста преку овие анкети секаде во светот. Приближно објаснување за „биполарноста“ и симпатиите и кон Европа и кон Истокот, можеби имаат објаснување со фактот дека сакаме да купуваме евтини производи (кинески), од бела техника до храна, а истовремено сакаме тие да имаат висок квалитет заштитен и сертифициран според европските стандарди.

Тоа не е можно, како што не е можно криминалецот што се капе во народните пари и ги размножува во бизниси од кои полза има Унгарија, да ни ја врати довербата во судството, да ја зајакне економијата, да овозможи медиумска слобода без пропаганда.

Од неговото враќање или монтирање на левите што пишуваат со десна рака, полза може да има само тој и тие, или пак овците го бараат овчарот без кого немаат кого да хранат!?

Се надевам дека со евроинтеграцијата ќе престанеме да бидеме толку дезориентирани во одлуките кога ноќта пред разденување ни се чини најтемна.

(инспирирано од Рамбо Амадеус)

Превземено од Новатв.мк