Членството во НАТО е добра одлука. Тоа ни ја зголеми безбедноста но не даде некој придонес во процесот на зачленување на Европската Унија. Вакви се ставовите на граѓаните во последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според истражувањето, 61 отсто од анкетираните сметаат дека од денешен аспект членството во НАТО е добра одлука додека 28,6 прроценти се убедени во спротивното.

Во споредба со минатогодишната анкета од истиот Институт, нема некои значителни разлики, кога 57,5 отсто граѓани сметале дека членството во НАТО е добра одлука.

За 52,6 проценти од анкетираните со влезот во НАТО се зголеми безбедноста на државата, додека 36,8 отсто не се убедени во тоа.

Дека НАТО не прави побезбедна држава главно ставот го креираат етничките Албанци. Дури 82,4 проценти сметаат дека со членството во НАТО се зголеми и безбедноста на државата. Кај Македонците одговорите се поделени иако мнозинството од 46,3 отсто смета дека членството во НАТО не не прави побезбедна држава додека 43,7 проценти се на ставот дека по зачленувањето, безбедноста на државава е зголемена.

Иако се бележи континуиран раст, сепак во последните 5 години нема некој значителен раст на бројот на граѓани кои сметаат дека по влезот во НАТО Македонија стана побезбедна држава. Од 50,5 отсто во 2019 овој процент на граѓани се зголемил до 52,6 отсто. Вкупно 57,2 отсто од анкетираните се на ставот дека членството во НАТО придонесува земјава да биде побезбедна од надворешни влијанија особено во однос на војната во Украина додека 34,5 отсто сметаат дека тоа не е случај.

Над половина или 56,3 проценти од граѓаните се на ставот дека влезот во НАТО не го забрза процесот на евроинтеграции, додека 33 отсто се убедени дека тој придонел за негово забрзување. Споредбата со анкетите од последните пет години практично не дава никаква разлика. Вкупно 54,8 отсто од граѓаните сметаат дека Македонија треба да издвојува повеќе пари од буџетот за својата одбрана во иднина додека 33,3 отсто сметаат дека не треба.

Граѓаните се на ставот дека Македонија стори доволно во вид на помош за Украина. Ваков став имаат 55,2 отсто од анкетираните додека само 15 отсто сметаат дека сме можеле и повеќе да помогнеме. На ова прашање има речиси идентични ставови и кај Македонците но и кај етничките Албанци кои над 50 отсто сметаат дека сме помогнале доволно со таа разлика што процентот на етнички Албанци кои сметаат дека сме можеле и повеќе да помогнеме е повеќе од двојно повисок од оној кај Македонците. Само 36,2 отсто од граѓаните се согласуваат со помошта во оружје и опрема која Македонија и ја испраќа на Украина додека 52,8 отсто не се согласуваат.

Анкетата е спроведена врз репрезентативен примерок од 1079 испитаници во периодот од 16 до 20 април годинава.