Македонскиот дел на Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу РС Македонија и Бугарија излезе со реакција по повод соопштението на членот на Комисијата, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев дека поднесува оставка поради политичко мешање во работата на комисијата.
Ви ја пренесуваме во целост реакцијата на членовите на македонскиот дел од комисијата.
„Во врска со соопштението за медиумите на нашиот почитуван колега д-р Ванчо Ѓорѓиев за неговата оставка од Комисијата, би сакале да го истакнеме следново. Со колегата д-р Ѓорѓиев изминатите три години заедно и посветено работевме во Комисијата и донесовме добри решенија со кои сметаме дека помагаме во надминување на спорот помеѓу двете држави, зачувувајќи ги националните интереси на македонската држава, Македонците и другите етнички заедници и затоа сме крајно изненадени од тврдењата во неговото соопштение.
Истовремено, сакаме да потенцираме дека научните принципи во работата на Комисијата биле, се, и ќе останат непроменети и дека не постои никаква основа да се тврди дека постои нов принцип на работа, ниту политички притисок од МНР, Владата или политичките партии.
Исто така, вчерашните и денешните разменети предлог-идеи во ништо не отстапуваат или, пак, се разликуваат од досега разменетите предлози и пристапот кој е усогласен од сите членови на македонскиот дел од Комисијата од самиот нејзин почеток и кои во ништо не ги нарушува или, пак, се спротивни на македонскиот идентитет, национални интереси и спомнатите во соопштението на колегата Ѓорѓиев црвени линии усвоени во Собранието”, стои во реакцијата на членовите од македонскиот дел на комисијата.