Членовите на Комисијата за помилување поднесоа колективна оставка, соопшти професорот Гордан Калајџиев.
„Ја известуваме јавноста за нашата колективна оставка од позициите членови на Комисијата за помилување. Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи“, се вели во објавата на која стојат потписите на проф. д-р Методија Каневчев, Проф.д-р. Гордан Калајџиев, Проф.д-р. Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р. Зора Митиќ, М-р Ана Ѓорѓиева Ивановска, Ајтен Шаќири.
Oставките се случуваат откако помилувањата кои ги потпиша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова предизвикаа бројни реакции во јавноста.
Меѓу помилуваните, најмногу прашина крена името на Акиф Бејадин Равмановски, за кого се пишуваше дека е припадник на скопскиот нарко клан Барон, но и еден од групата која само една седмица претходно, учествуваше во пукање во скопската населба Чаир, кога повреден беше скопјанец. Равмановски беше повторно приведен по објавата на помилувањата, и тоа на излегување од „Идризово“ за случајот со пукањето.
Meѓу помилуваните е и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талевски, кој беше во затвор обвинет во случајот Транспортер и Маријан Ефремов првоосомничен во аферата Шпион. На листата се најде и Шенол Маслани од Арачиново, брат на познатиот Шенки Версаче, кој беше уапсен во голема акција кога полицијата заплени пушки, пиштоли, луксузни автомобили, пари и дрога.
Одлуките за помилување на осуденици, претседателот на државата ја носи по препорака на Комисијата за помилување, која е постојано работно тело во служба на претседателот.
Премиерот Христијан Мицкоски, претходно денес, одговарајќи на новинарски прашања ја обвини претходната владејачка гарнитура за случајот со Акиф Равманоски, коментирајќи дека тој е случај е од минатото, од претходната Влада, снесен како кукавичко јајце, коешто треба да имплодира во овој период. За опозициската СДСМ изјавата на Мицкоски е комична и во стилот „јас не сум од тука“.