Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, го презентираше годишниот извештај за работата на Алијансата за 2020 и го поздрави постојаното зголемување на буџетските стапки на земјите членки за одбраната, јави дописничката на МИА од Брисел.

Шеста година по ред земјите членки на НАТО покажуваат зголемување на буџетите за одбрана, рече Столтенберг.

-Очекуваме овој тренд да продолжи, треба да го задржиме овој момент затоа што безбедносните предизвици нема да исчезнат, рече тој.

Тој се повика и на „високиот степен“ на поддршка за НАТО кај граѓаните. Според анкета реализирани лани во земјите на Алијансата, 62 отсто од граѓаните би гласале нивната земја да остане членка на воената организација, додека единаесет отсто само би гласале за повлекување од НАТО на нивната земја.

И покрај здравствената криза која предизвика економска рецесија, земјите членки на НАТО си ги исполнуваат ветувањата дадени во 2014 да ги зголемат буџетските стапки за одбрана додека не постигнат минимум два отсто од бруто домашниот производ, БДП.

Сепак важно е да се напомене дека во некои случаи ова зголемување се должи и на намалениот БДП кај некои земји токму поради економската криза.

За Столтенберг е важно земјите членки да не се откажат од поддршката за Алијансата поради подемот на Кина како велесила, провокациите на Русија и нејзиното мешање во внатрешните работи на други земји, вклучително и земји на НАТО. Шефот на Алијансата потсети и дека Кина и Русија организираат заеднички воени вежби, што треба да го поттикне вниманието на земјите сојузнички, смета тој.

-Ниедна земја не може сама да се справи со предизвиците, ниеден континент не може сам да се справи со заканите, затоа Европа и НАТО треба да работат заедно, рече Столтенберг и искористи прилика уште еднаш да порача дека иако ги поздравува европските напори во областа на одбраната, тие треба да соработуваат, а не да се натпреваруваат.

-НАТО и ЕУ се различни организации со различни задачи и различни процеси на одлучување, јас го поздравувам фактот што ја зголемуваме соработката, но тоа треба да се прави врз основа на взаемна почит кон интегритетот, ние делиме исто соседство и повеќе 90 отсто од граѓаните на земја на ЕУ живеат во земја на НАТО, ги поздравувам напорите за одбраната, но тоа не може да го замени НАТО, предупреди Столтенберг

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО ќе се сретнат на крајот на овој месец, а подоцна оваа година ќе се одржи и самит на шефовите на држави и влади на Алијансата каде ќе се разговараат сите овие прашања.

Ова ќе биде и прв самит за новиот американски претседател, Џо Бајден, чија заложба за поголем ангажман во трансатлантската организација ја поздрави шефот на Алијансата и изрази надеж дека лидерите на НАТО членките ќе го зајакнат трансатлантското партнерство и ќе се заложат за амбициозна агенда.