Никица Корубин

Кој кого однесе во САД, на настаните по повод свечениот чин на инаугурацијата на новиот американски претседател, традиционално внатрешно американско прашање, и чии врски беа посилни; останува (не)јасно и ќе биде небитно, се’ додека не се разјасни која е целта кон која се тежнее и која слика треба да се прикаже: во неофицијална и неформална посета беше врвот на законодавната и извршната власт, неколку министри, претседатели на политички партии.

На држава кандидат за ЕУ, која инаку гради колективна стратегија кон САД и држава членка на НАТО, која ете како знак на поддршка на новата американска администрација може да биде првата која ќе го зголеми својот буџет за одбрана на 5 проценти. Бидејќи така се станува сериозен и кредибилен партнер на САД, за чија “несериозност на партнерите” говори американскиот претседател Доналд Трамп.

А, се ќе беше многу полесно, само времето да беше малку потопло и инаугурацијата да се одржеше надвор, каде што ќе можеа да присуствуваат сите 220.000 гости кои имаа набавено (и платено) регуларни влезници, дистрибуирани преку канцелариите на американските сенатори и конгресмени.

Инаку, има и други начини, освен овие свечените, за докажувањето на новоразбудената лојалност кон стратешкот партнерство со САД, а тоа е доследното почитување, применување и чување на двата клучни договори за стратешките интереси на САД (и пред се за нас самите) – Охридскиот рамковен договор и Преспанскиот договор. Нешто за кое тешко дека може да се пофалат, сите кои отпатуваа во САД. Некои за едниот, некои за двата.

Тешко дека може да се најдат допирни точки, помеѓу јасниот и дециден став на САД, во однос на Охридскиот договор, и неговата егзистенцијална важност за Северна Македонија и робусната акција (формално/неформална – законодавно/партиско/судска) за негово релативизирање, компромитирање и анулирање; па е сосема нејасно, што всушност се подразбира под “партнерство со САД”.

Особено тешко е објаснива позицијата на ВЛЕН, кои како да се влезени во состојба на длабока амнезија, со упорното (авто)деструктивно (себе)убедување дека албанскиот јазик не е службен јазик во Македонија. На сопствена штета и пред се штета на Албанците.

Па, е нејасно зошто тогаш, при носењето на Законот за употребата на јазиците (партијата Беса) со два амандмана тогаш барала, насловот на Законот и првиот член да се именуваат така како што е: “на целата територија на Република Македонија и во нејзините меѓународни односи, службени јазици се македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и Албанскиот јазик и неговото писмо”. Тогаш бил службен, а сега не е (пожелно) службен?

Слично стојат и работите со Преспанскиот договор, кој дополнително е договор под покровителство на Обединетите нации, чиј преговарач беше токму американскиот амбасадор Метју Нимиц, кој и беше потпишан во времето на првиот мандат на претседателот Трамп, и помина тешка пропагандна и манипулативна голгота во македонската јавност, не беше парламентарно поддржан од страна на дел од сегашната власт (ВМРО-ДПМНЕ), како и уставните измени кои следеа; третиран е како “нужност” со целосно извртување на неговата суштина, за правното постоење на Северна Македонија во рамки на меѓународниот правен поредок.

Па, од преголема почит кон овој стратешки документ за безбедноста и постоењето и на Северна Македонија, но и на највисоките интереси на САД во регионот; нашата делегација успеа да се врати од САД со протестна нота од Министерството за надворешни работи на Грција, во која добиваме уште една поука за правните последици од примената на договорот.

Но, спласнатата еуфорија во регионот, после првите потези на американскиот претседател, како се уште да не стигнале до нас, па немаме одговор на пример, за инсистирањето на новата американска администрација за слободата на говорот и забраната на цензурата, тој омилена, ефективна и широкораспространета појава кај нас, а уште помалку има некој одговор на стопираната финансиска помош, секаде, вклучително и кај нас, до преиспитување на секоја држава поединечно, нејзиниот систем на владеење на правото и демократијата. Под надлежност на единствениот до сега избран од страна на конгресот, новиот државен секретар Марко Рубио, инаку извонреден познавач на регионот на Источниот Медитеран, нашата природна припадност.

Се чини дека заглавени во локалното поимање на нештата и нивната банализација и површност, перцепцијата се претставува како суштина. Па, во таа перцепција нашата партиско/политичка/клановска “елита” која патем речено е произлезена од наследениот естаблишмент, чудно се препозна во анти-естаблишмент доктрината на Трамп; површно повикувајќи се на “конзервативни вредности” кои за САД не означуваат и недемократски; и најинтересно целосно сведувајќи го анти-woke движењето на родови прашања, а исклучувајќи го целосно и преиспитувањето и анулирањето на историјата и историските вредности, вредностите на западната култура, и пишувањето на “подобна историја”, која ние сме ја усовршиле, и без формална дефиниција.

Па, оттаму добро е да се негуваат сеќавањата и културата на истите. Да се негуваат партнерставата и се’ што тие претставуваат за нас. За интересите на граѓаните и на државата. И да се внимава што се посакува. А, особено што се сака. Затоа што тоа е главното прашање. Што сакаме. Не од САД, туку од нас самите. А, ние сме Европа. Ќе бидеме и ЕУ, и така ќе ги градиме односите со САД. Која се чини дека, наспроти нечии желби и очекувања, ќе ја обедини ЕУ повеќе од било кога.