Херојот од Виница кој од огнот во кочанската дискотека извлече 21 лице, Јован Костадинов, е испишан од болница во одлична состојба, рече утрово Андон Чибишев, директор на Клиниката за токсикологија. Тој во болница остана седум дена, а од вчера е пуштен на домашно лекување.
„Јован е примен на Клиниката заради белодробни потешкотии односно заради вдишување зголемени концентрации јаглероден моноксид. Третиран е седум дена. Сосема добро ја прифати терапијата. Во подобрена општа клиничка состојба вчера е испишан, пуштен на домашно лекување со комплетно референтни лабораториски токсиколошки анализи. Препорачано е во наредните седум дена да се направи уште една контрола и мислам дека во наредните два до три месеци сите тие пациенти кои вчера ги испишавме, вклучувајќи го и Јован, ќе бидат под наша опсервација за да не пропуштиме нешто. Инаку Јован е во одлична состојба, си отиде дома нашиот херој“, рече директорот Чибишев.
Деветнаесетгодишниот Јован утрово се врати на училиште во гимназијата „Ванчо Прке“ каде што беше пречекан со аплауз, солзи и прегратки и од учениците и од професорите.
Ноќта кога се случи пожарот Јован ја натопил со вода маицата, се прекрил и влегол во запалената дискотека и од огнот и чадот извлекол 21 лице.