Четвртото издание на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ 4.0, ќе се одржи од 25 до 27 септември 2025 година на повеќе локации во Општина Центар – Скопје и тоа во КСП Центар – Јадро, Парк на Франкофонија, Боемска 2 и Природонаучниот музеј.

„Овогодинешното издание на фестивалот е во духот на солидарноста и соседството. И оваа година ве покануваме на МААЛСКИ ФЕСТИВАЛ за заеднички да ги запоседнеме маалските улици и да ги исполниме со убавина која недостасува. Ајде сите на креативен дијалог, на раскажување стари приказни и креирање нови. Време е да ги шараме нашите улици со спомени и уметност. Како и секогаш, фестивалот останува верен на својата мисија, да создава простор за колективно обликување на културата, дружење, заедничко учење и забава“, велат од Културно-социјалниот простор ЦЕНТАР–ЈАДРО.

Симболично, фестивалот ќе биде отворен со Маалско мезе, закажано за 26.09 (петок), од 17:30 часот на Боемска 2.

„За оваа заедничка гозба не очекувајте специјална покана и црвен тепих – поканети сте сите! Маалското мезе е простор за соседите, соработниците, пријателите и сите случајни и неслучајни минувачи да седнат заедно и да споделат вкусна храна, маалски приказни и голтка надеж. Дојдете на нашата радосна трпеза, задолжително понесете добро расположение и некој домашен специјалитет кој едноставно мора да го споделите со нас“, се вели во повикот.

После мезето, во КСП Центар – Јадро со своја изложба гостуваат германската уметница и фотографка Франциска Клозе и изложба и презентација на Фестивалот Остен од Битерфелд-Волфен, Германија (26.09, 20:00, КСП Центар – Јадро).

Петочната вечер (26.09, 21:30, Боемска 2) ќе заврши со настапите на Калико и Корка, два свежи и алтернативни македонски бенда кои со својата енергија и звук ќе нè забавуваат, размрдаат и ќе вдахнат здив свежина во Дебар Маало.

Концертот, како и целосната фестивалска програма, има хуманитарен карактер, а сите средства собрани за време на фестивалските денови ќе бидат доставени до иницијативата SUPPORT KOCANI.