Денес од болница излегуваат десетмина пациенти кои се лекуваат кај нас, кажа утрово министерот за здравство Арбен Таравари. Си заминува дома еден повреден кој беше сместен во болницата во Штип, еден од детска хирургија, тројца од торакална хирургија и уште петмина сместени во болниците „Аџибадем систина“ и „Жан Митрев“.

„Ме радува тоа што десетмина ќе продолжат дома по направени токсиколошки анализи. Ќе се вратат дома да продолжат со мирување еден период и да продолжат со нивниот живот“, рече министерот Таравари.

Тој и денес кажа дека повеќе нема да се праќаат пациенти на лекување во странство оти состојбата на сместените кај нас, а генерално и на оние во странство е стабилна. Веќе размислуваат за протоколи кои ќе го пропишат начинот на кој треба повредените кои се закрепнати да се врата од земјите во кои се испратени на лекување. Меѓу нив, министерот вели дека има пациенти кои се во многу подобра состојба.

„Во Италија има четворица пациенти кои се веќе на нога, значи можеби идната недела ќе зборуваме и за враќање на овие пациенти“, рече министерот Таравари.

Во странство во овој момент се лекуваат 115 пациенти. Таравари денес детално објаснуваше за нивната состојба која генерално ја оцени како стабилна, со исклучок на еден пациент сместен во Турција.

„Од сите пациенти, освен еден во Турција кој е во многу сериозна состојба, другите се во сериозна, но стабилна состојба“, рече министерот Таравари.

Пациентите кои ќе се враќаат од странство ќе бидат прегледувани од домашни лекари, а потоа во зависност од состојбата ќе бидат пуштани дома или пак ќе го продолжат лекувањето во домашните болници. Таравари вели дека следен предизвик со кој ќе се соочуваат во лекувањето на повредените во пожарот и кај нас и во странство се инфекциите  поради што рече дека треба голема внимателност за да се спречат компликации.

Текстот Четворица пациенти во Италија се веќе на нозе, Таравари вели може да се вратат дома следната недела, критичен е пациент во Турција е превземен од МАКФАКС.