Косовската полиција соопшти синоќа дека, по неколкудневни истражни дејствија, припадници на единицата за сузбивање на трговијата со наркотици уапсиле шест лица, од кои четворица македонски и двајца косовски државјани, јави дописникот на МИА од Приштина.
При претрес на една локација во селото Широка во општина Сува Река, полицијата открила и запленила 32 килограми марихуана, 2.059 стебла од тоа наркотично растение засадени во саксии, како и наркотици кои биле подготвени за продажба.
Според полициското соопштение, истрагата која резултира со синоќешните апсења започнала на 4 февруари годинава и била насочена кон три сомнителни лица.
– Лабораторијата во која се откриени наркотиците ја поседува сета потребна опрема за одгледување на канабис, како посебно осветлување, систем за наводнување, систем за вентилација, ваги, кеси и значително количество земја спакувано во вреќи. Во акцијата се конфискувани три автомобили од марките БМВ, Форд и Опел Зафира, шест мобилни телефони, готови пари во износ од 2.185,29 евра и 313 македонски денари, едно ДВР и еден лап-топ, соопшти косовската полиција.