Мировното образование е важно затоа што гради разумни и толерантни личности, кои знаат да почитуваат и кои конфликтите ги решаваат вербално, по ненасилен пат и тоа е исклучително важно за да може општеството да напредува, истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на Конференцијата за мировно образование во Скопје, што четврта година по ред ја организира Првата детска амбасада – Меѓаши.

„Меѓаши многу помага да се реализира мировното образование преку спроведување на посебна програма и воннаставна активност, за која имаме склучено меморандум за соработка. Помага со обуки на наставници и со вклучување на деца во рамки на истата. Денес имаме средба со поголем број наставници и клучната тема е токму мировното образование, па преку размена на искуства ќе се обидеме да дојдеме до нови идеи и заклучоци за тоа како да го унапредиме истото во иднина“, рече Јаневска.

Министерката рече дека таа ќе се залага за обезбедување континуитет на мировното образование и дека постојано треба да се истакнува неговото знаење, затоа што придонесува во градење млади генерации со вистински вредности.

„Македонија е мала земја и можеби не може да влијае на надминување глобални конфликти помеѓу многу посилни држави, но можеме да влијаеме на зачувување на мирот во своите граници. Тоа е основа за напредок во сите сфери“, додаде министерката.

Мировното образование во Македонија се спроведува од 2011 година, како проектна активност со која се опфатени над 70 училишта, а повеќе од 300 наставници се обучени да ги предаваат наставните модули што на предлог на Меѓаши се одобрени од Бирото за развој на образованието.

Текстот Четиринаесет години Мировно образование во Македонија е превземен од МАКФАКС.