Како во филм, човек изнајмил џет-ски и се возел преку ледените и разбранувани мориња за да стигне до островот Ман, а потоа пешачел со часови до неговата сакана, но полицијата не омекнала и го ставила во затвор за непочитување на мерките за карантин.

Дејл Меклафлан од Ајршир на југот на Шкотска се вљубил во септември кога работел на островот Мен, автономна британска област во Ирското море.

Кога му истекол договорот, 28-годишниот Шкотланѓанец очајно сакал да ја види својата девојка, но пандемијата на „ковид-19“ го спречила да го стори тоа, затоа што властите на островот Ман, што е всушност близу до Шкотска, забраниле посети на нерезиденти.

Во очај, Меклафлан изнајмил џет-ски што никогаш не возел и тргнал на островот оддалечен 40 километри.

Тој пресметал дека ќе му требаат 40 минути, но преминувањето преку разбрануваното море на температура од приближно 8 степени Целзиусови се одолговлекувало повеќе од четири часа.

Кога пристигнал, тој храбро тргнал и одел пеш 24 километри до куќата на својата сакана, ги пренесува Би-Би-Си извадоците од судското досие. Двајцата се забавувале во ноќен клуб, каде што тој бил забележан од полицијата и уапсен за нелегално влегување на островот.

Локален судија го осудил на еден месец затвор за „свесно и намерно кршење на мерките на островот Ман“, и покрај апелите на неговиот бранител да биде милостив бидејќи обвинетиот е во депресија.