Чешкиот премиер Петр Фијала денеска изјави дека Чешка добила ветување за финансирање на уште 200.000 парчиња артилериска муниција, покрај првата испорака од 300.000 парчиња, за што на чешка иницијатива коалиција од 18 земји од Канада, преку Германија до Полска веќе ги одобри средствата.

Иницијативата за набавка на 800.000 парчиња артилериска муниција од трети земји ширум светот кои Чешка ги најде и ги договори, 500.000 од калибар што го користи НАТО и 300.000 за постсоветско оружје, ја претстави чешкиот претседател Петр Павел во февруари на безбедносната конференција во Минхен.

На конференцијата „Нашата безбедност не се подразбира сама по себе“ во Прага по повод 25-годишнината од влезот на Чешка во НАТО заедно со Полска и Унгарија, Фијала денеска изјави дека овие забрзани испораки навистина ќе и помогнат на Украина во време кога европските земјите немаат доволно капацитет за производство на муниција, а се чини дека нема напредок што би дал надеж за крајот на војната.

Чешкиот премиер ги отфрли тврдењата на чешката опозиција предводена од поранешниот премиер, Андреј Бабиш дека помошта за Украина, особено во оружје, ја уништува шансата за мир.

„Да се биде пасивен би значело да ги фрлите пријателите и сојузниците во морето и да чекате Русија да дојде кај нас. Одново и одново се потврдува, а само наивни и заслепени луѓе нема да видат дека Русија нема да застане дури и да и ја жртвуваме Украина, рече чешкиот премиер на отворањето на конференцијата.

Фијала рече дека во овој конфликт не е можно да се стои на страна и дека Чешка е на вистинската страна, бидејќи Украина ништо не испровоцирала, туку само се брани.