Во необичен потег чешкото Министерство за надворешни работи ги повика руските дипломати во земјата да поднесат оставки во знак на протест поради војната во Украина.
– Ве повикуваме, морално и со добро срце, да го напуштите овој брод што тоне, гласи повикот, што денеска беше објавен на руски и на англиски јазик.
Во спротивно, ќе се соочите со сериозни последици, предупреди МНР во Прага и додаде дека „Русија ќе се соочи со последиците за апокалиптичното уништување на суверена соседна земја“.
„Апел до руските колеги, дипломати, мажи и жени од руската дипломатска служба. Колеги, ги молиме оние од вас кои имаат совест и кои се способни да го препознаат злото: излезете од овој круг на соучесници“, гласи твитот на чешкото МНР.
Чешка во вторникот протера руски дипломат од земјата. Службеникот на амбасадата добил 72 часа да ја напушти земјата.