Жена и дете од каменото доба се најстарите скелети пронајдени во таа област на Шведска.
Околу 4.000 години, оваа жена почивала во гроб откриен во шумите во североисточна Шведска. Се верува дека популацијата таму пристигнала следејќи ги преселбите на животните кои се собирале покрај блиската река. Кога починала, во триесеттите години од сѐ уште непознати причини, била погребана со момче, можеби син, кое се проценува дека имало околу седум години, пренесува National Geographic.
Илјадници години подоцна, во 2020 година, вработените во музејот Вестернорланд во Шведска му понудиле соработка на Оскар Нилсон, археолог кој прецизно ги реконструира лицата. Музејот поседувал два скелета ископани пред еден век од селото познато како Лагмансерен.
Двата скелета од каменото доба се најстарите човечки остатоци пронајдени во таа област на Шведска. По повод изложбата за одбележување на 9.500 години човечко присуство на територијата на Шведска, музејот сакал на посетителите да им ја покаже најстарата личност од северот – жената од Лагмансерен.
Во текот на изминатите 20 години, Нилсон стана пионер на реконструктивната археологија, оживувајќи повеќе од сто одамна мртви човечки предци. Лицата што тој ги реконструира, за него и за милиони луѓе во музеите ширум светот, се вистински портал во минатото.
Тој ја започнува својата работа со примена на повеќе од десет мускули направени од глина на 3D печатена реплика на черепот. Потоа поставува мали клинови за да ја означи длабочината на ткивото, која варира во зависност од полот, возраста, тежината и етничката припадност на поединецот.
Многу карактеристики може точно да се предвидат со користење на запис оставен во коските. Кога Нилсон почнал да го реконструира лицето на жената од каменото време го знаел следново: таа била висока околу 150 сантиметри, релативно ниска дури и за нејзиното време. Имала испакнати заби, кои на посебен начин ѝ ја обликувале устата. Нејзиниот нос е малку асиметричен. Очите се ниско поставени, а долната вилица е прилично мажествено доминантна.
Откако почна да оживува лица, 3D печатењето и ДНК технологијата напреднаа и му овозможија да дојде до неверојатни детали. ДНК извлечена од добро сочувани коски може да ја открие бојата на косата, кожата и очите – три дела за кои се шпекулираше за време на претходните реконструкции.
Сега оваа информација е многу веродостојна.
Но, кај жената од Лагмансерен не можеше да се најде ДНК. Наместо тоа, Нилсон ги анализираше историските модели на миграција. Таа живеела во време кога првите фармери влегле во Скандинавија и почнале да се мешаат со групи ловци-собирачи. Тој утврдил дека таа веројатно има светла кожа и темна коса.
По тој процес, за кој вели дека е ригорозно тестиран, Нилсон ја напушта областа на научната веројатност и влегува во друга фаза: неговата имагинација. За разлика од полот, бојата на кожата и забите, изразите на лицето не можат да се зачуваат во коските.
„Морам да си го оживеам лицето за да добиете впечаток дека таа всушност ве гледа“, вели тој.
Но, сепак, археологот уметник се воздржува да биде премногу креативен – покажувањето силни чувства како лутина, на пример, е строго забрането, вели тој.
Кога размислувал за очите на жената, помислил на момчето со кое таа била погребана. Скелетот на момчето бил премногу оштетен за да се реконструира, но Нилсон сакал да го вклучи. Замислил дека момчето е нејзин син, а таа го гледа додека трча пред неа. Тие веројатно биле ловци-собирачи, кои патувале по животни.
На Нилсон му биле потребни 350 часа за да ја заврши оваа реконструкција. Кога завршил, жената била облечена во животинска кожа, која ја направила колешката на Нилсон, Хелена Ѓаерум, користејќи техники од каменото доба. Ѓердан од птичји канџи ѝ виси на вратот, а косата ја чува во тесна пунџа за да ја тргне од лицето додека се движи меѓу дрвјата.