Министерот за култура, млади и спорт на Косово, Хајрула Чеку изјави дека кандидатурата на Косово за организирање на Медитеранските спортски игри во 2030 година овозможила промена на статутот на организацијата на игрите, така што и земја која нема море има право да ги организира, јави дописникот на МИА од Приштина.

Откако вчера Генералното собрание на Меѓународниот комитет на Медитеранските игри (МКМИ), што се одржа синоќа во Ираклион, Грција, одлучи да му ја додели на Приштина организацијата на игрите во 2030 година, Чеку во изјава за телевизијата Клан Косова потенцира дека освен Косово, уште шест членки на Комитетот немаат излез на Средоземното Море, така што отсега и тие ќе имаат можност да организираат ваков настан.

– Кандидатурата на Косово ги убеди сите дека треба да направат статутарни измени. Членовите на Собранието одлучија да го изменат статутот, бидејќи има шест членки кои немаат излез на Средоземното Море, а се во негова близина. Со ова … се отвора можност и за другите земји-членки кои немаат пристап до Медитеранот да ги организираат игрите, рече Чеку.

Тој нагласи дека за игрите во 2030 година, Косово ќе соработуваат со Албанија, која се наоѓа на море, така што, на пример, натпреварот во едрење, како важна дисциплина на игрите, кој бездруго мора да се организира, ќе се одржи во Драч.

Во вчетрашното гласање на Собранието на МКМИ учествуваа 66 делегати, од кои за кандидатурата на Приштина гласаа 55, осум беа против, а тројца воздржани.

На Медитеранските игри учествуваат спортисти од 26 земји, а десет од нив не го признаваат Косово.

Според медиумските извештаи од Грција, на вчерашното Собание имало обиди на претставници на Србија да ја блокираат кандидатурата на Косово, но тоа не им успеало.

Се очекува Косово да инвестира над 250 милиони евра за организација на овој голем спортски настан. „Приштина 2030“ ќе биде 21. издание на Медитеранските игри.

Во 2026 година Медитеранските игри ќе се одржат во Таранто, Италија, а последните се одржаа во Оран, Алжир минатата година. На игрите во Оран учествуваа 3.298 спортисти, а се очекува дека над три илјади спортисти ќе учествуваат и на игрите во Приштина.