„Бутел не е далеку од центарот, но е далеку од основните услови за достоен градски живот“, порача денес кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, при посетата на Општина Бутел, каде разговараше со жителите за долгогодишните проблеми со јавниот превоз.
Шукова кажа дека е свесна за реалноста на жителите од Општината која трае предолго, недостиг од соодветни автобуски линии, ретка фреквенција, пренатрупани автобуси и лоша поврзаност со остатокот од градот. Нивно секојдневие е чекање на автобуси што не доаѓаат, губење часови до работа, училиште или лекар…
„Секоја мајка што со дете чека автобус на сонце, секој пензионер што оди пеш до центар зашто нема превоз, секој млад човек што размислува да се исели тоа е лице на една урбана неправда. И тоа мора да го промениме,“ истакна Шукова.
Како решение, таа го посочи воведувањето на системот БРТ, чија втора фаза го вклучува правецот север-југ и ги поврзува населбите од Бутел со централното градско подрачје. Проектот, според Шукова, не само што ќе ја скрати патната дистанца, туку ќе ја намали социјалната и економската отсеченост на бутелчани.
„БРТ не е само прашање на транспорт. Тоа е прашање на социјална правдина, достапност и еднаков третман за сите скопјани. Бутел мора да добие свое место на градската мапа, не само географски, туку и функционално,“ додаде таа.
Покрај воспоставување на БРТ, Шукова најави и модернизација на возниот парк, нов возен ред, воведување на приоритетни ленти и подобра поврзаност со клучните здравствени, образовни и економски центри во Скопје.
„Не зборуваме за луксуз, зборуваме за основни услови за живот. Јавниот превоз мора да биде предвидлив, безбеден и достапен“, заклучи Шукова од Бутел.
Текстот Чекањето автобуси што не доаѓаат во Бутел Шукова ќе го решава со БРТ: Овој систем ќе ја намали социјалната и економска отсеченост на бутелчани е превземен од МАКФАКС.