Преговорите меѓу Турција, Шведска и Финска за влез на двете нордиски земји во НАТО ќе продолжат на 9 март, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

„Состанокот ќе се одржи на 9 март“, рече Чавушоглу на прес-конференција во Анкара.

Кон крајот на јануари Турција ги прекина преговорите со тие две земји и го одложи трипартитниот состанок предвиден за февруари, по неколку демонстрации против Турција и исламот во Стокхолм.

Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО во мај минатата година, откако во февруари започна руската агресија врз Украина. Нивниот влез во Алијансата го блокира Турција, а се зборуваше и за одобрување на влезот на Финска пред Шведска.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во средината на февруари во Анкара апелираше Финска и Шведска „сега“ да бидат вклучени во НАТО.

Прикажи повеќе