Турција и Ерменија се договорија идните преговори да се водат на нивна територија, а не во трета земја, како што беше случај претходно, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

„Во моментов преговараме кои чекори за градење доверба можеме да ги преземеме со Ерменија. Нашите специјални претставници се сретнаа четири пати, но за жал во странство. Следните преговори ќе се водат во Турција или Ерменија. Ние сме искрени во нашите напори за нормализирање на односите со Ерменија“, рече Чавушоглу на заедничката прес-конференција со неговиот катарски колега шеикот Мохамад бин Абдулрахман ал Тани во Истанбул.

Лидерите на Турција, Ерменија и Азербејџан се состанаа неформално на минатонеделниот европски самит, прва средба на високо ниво меѓу Анкара и Ереван откако започнаа напорите за подобрување на односите минатата година по децении непријателство, пишува весникот „Дејли Сабах“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган разговараше со ерменскиот премиер Никол Пашинјан и азербејџанскиот претседател Илхам Алиев на средбата во Прага и објави фотографија од тројцата.

Во јануари, Турција и Ерменија го одржаа првиот круг од преговорите по повеќе од 10 години, кој тие го опишаа како „позитивен и конструктивен“, кој отвора перспектива за обновување на односите и отворање на границите.

Во 2021 година, Анкара и Ереван назначија специјални претставници за нормализирање на односите.