Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој е еден од опфатените во обвинението за упадот во Собранието на 27 април 2017-та година, денеска сведочеше во судот.
Како што вели тој, кога добил информација за случувањата во законодавниот дом бил во неговите приватни канцеларии во Технометал Вардар. Му јавиле дека има прескокнување на оградата поставена пред Собранието.
Тој рече дека грешки во командувањето нема и дека имале информации дека вратите на Собранието се затворени со механизми, дека се безбедни и не може да се пробијат при било каков притисок од надворешна страна. Чавков сведочеше дека тој ги донел одлуките да се фрлат шок бомби во Собранието, потенцирајќи ја опасноста кога не била исклучена бидејќи станува збор за затворена просторија.
На самиот ден, 27-ми април добил и повик од тогашниот премиер Никола Груевски, некаде околу 20:30 часот, но Чавков му одговорил дека веќе е воспоставена контрола во Собранието.
Тој воедно рече дека немал никаква комуникација со Спиро Ристовски и Миле Јанакиески за време на протестите пред Собранието.