Говедското поскапо за 100 денари, пилешкото за 60 а табла јајца за 40 денари. Веб сервисот ценометар. мк направи истражување во најголемите маркети во Македонија, кое покажува драстично поскапување на многу производи за кои беше укинато ДДВ и замрзнати маржите, објави Телма.
Табла јајца која се продаваше за 172 денари, сега е 225. Малото пакување јајца е поскапено за околу 10 денари. Поскапени се и замрзнатите батаци за 10 до 20 денари, како и рибата Ослич.
Пивата се поскапи за околу 10 денари за литар, брашното тип 400 и зејтинот кои требаше да се продаваат по набавна цена или се повлечени од рафтовите или се поскапени за околу 10 денари, зависно од маркетот.
Кај овошјето и зеленчукот нема значителни промени, но најчесто ги нема на рафтовите.
Заклучокот на истражувачите е дека ценовната спирала е ослободена без контрола а граѓаните се снаоѓаат како знаат и умеат.
Министерот за економија Крешник Бектеши соопшти дека во петокот Министерството за економија, како институција која има надзор за спроведување на закони, побарало од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) превземање мерки согласно законот за заштита на потрошувачите.