Цените на лебот драстично се зголемија низ Европа во текот на изминатата година, покажуваат новите податоци, а порастот е особено голем по инвазијата на Русија на Украина.
Поскапувањето во август било во просек за 18 отсто во однос на истиот месец претходната година според Евростат, статистичката агенција на ЕУ.
Во август минатата година, просечните поскапувања на лебот во ЕУ беа само 3 % споредени со годината пред тоа.
Евростат вели дека цените на лебот се на највисоко ниво.
Унгарија е најтешко погодена – забележа огромен пораст од 65,5 % во текот на годината, додека Франција, позната по своите багети, забележа најбавен раст на цените.
Руската инвазија и блокирањето на извозот на жито од Украина, која беше петти по големина извозник на пченица во светот, доведоа до пораст на цените.
Лебот не е единствениот производ кој бележи нагло зголемување на цената. Комбинираните цени на лебот и житариците се зголемени за 16,6 отсто во еврозоната, што е највисок раст од јануари 1997 година.
Не е изненадувачки што зголемените трошоци за храна придонесоа за повисока инфлација, заедно со вртоглавото покачување на цените на енергијата. Во Европската Унија, инфлацијата достигна рекордно високо ниво во август од 9,1 отсто. Како референтна рамка, целта и мисијата на Европската централна банка беше да ја задржи инфлацијата „блиску, но под 2 %”.
Храната и пијалаците забележаа втор најголем пораст, од 12,4 %, по домувањето и електричната енергија, кои се зголемија за 19,7 %.
Зошто поскапува лебот во Унгарија?
Уште пред почетокот на војната во Украина, во јануари, унгарските пекари ги предупредија купувачите дека мелниците значително ќе ја зголемат цената на брашното, како што објави HVG, што укажува на тоа дека Унгарија веќе се соочувала со предизвици и пред конфликтот.
Помеѓу август 2021 и август 2022 година, Унгарија ги имаше најсушните месеци од 1901 година, ситуација што беше влошена од невидените високи температури оваа година, кои ги уништија посевите низ целата земја.
Како што полињата во земјата стануваа жолти, а нивото на водата во нејзините реки и езера падна на алармантно ниско ниво, земјоделството претрпе значителни штети.
Јожеф Септе, претседател на Здружението на унгарски пекари, не ја отфрла можноста цената на лебот може да достигне 1.000 HUF (приближно 2,50 евра за килограм).
Унгарија е меѓу земјите на ЕУ со највисока инфлација. Просечната стапка на инфлација во ЕУ во август беше 9,1 %, а во Унгарија 15,6 %, највисока од мај 1998 година.
Цените на храната во земјата сега се зголемени за 30,9 отсто во споредба со претходниот месец, според „Трејдинг економикс”.
Какво влијание има поскапувањето врз луѓето?
Европските домаќинства го чувствуваат притисокот од овие поскапувања. Според податоците на Федерацијата на пекари, трговската асоцијација што ја претставува индустријата за леб и пекарство во Обединетото Кралство, повеќето земји во ЕУ имаат просечна потрошувачка од 50 килограми леб по човек годишно.
Тешко е да се најде замена за лебот и другите производи од пченица, кои се столбови на исхраната на милиони Европејци, и зголемувањето на цените веќе има влијание.
Во Италија, каде просечната цена на лебот се зголеми за 13,5 отсто од август 2021 година до август 2022 година, а синдикатите на пекарите предупредија дека во блиска иднина може да порасне до 6 евра за килограм, податоците покажуваат дека во првите седум месеци од 2022 година, потрошувачите го намалија купувањето на прехранбени производи за 3,2 %. Но, поради инфлацијата, домаќинствата трошат повеќе пари за храна отколку порано.
Според податоците на Европската комисија, зголемената инфлација помеѓу јануари 2021 и јуни 2022 година ги зголемила трошоците на домаќинствата по глава на жител во просек за околу 160 евра месечно.
Како што цените на цените на храната продолжуваат да растат, Брисел е загрижен дека најмногу ќе страдаат домаќинствата со пониски примања, бидејќи ќе мора да трошат поголем дел од својот буџет на основни производи како што е лебот.